• Мартин Танасковски
Фудбалска Србија и регионот останаа во шок и тага по веста за смртта на Дејан Миловановиќ, поранешен капитен на Црвена звезда, кој почина во 42-та година од животот. Несреќата се случи во вторник попладне, за време на пријателски натпревар на ветераните меѓу екипите на ФК Звездара и ПКБ. Миловановиќ на самиот почеток од натпреварот успеал да постигне гол во седмата минута, но нешто подоцна, кога се подготвувал да изведе корнер, ненадејно ја загубил свеста и се срушил на тревникот.
Лекарските екипи на Итната помош стигнале брзо и веднаш започнале со реанимација на теренот, по што Миловановиќ бил пренесен во Клиничкиот центар „Звездара“. И покрај сите напори на лекарите, срцето на поранешниот фудбалер не издржало.
Миловановиќ ќе остане запаметен како еден од најверните капитени на Црвена звезда. Во дресот на белградскиот клуб одигра вкупно 230 натпревари и постигна 48 голови. За „црвено-белите“ настапуваше во два наврати: од 2001 до 2008 година, а потоа повторно во сезоната 2010/2011. Со клубот освои неколку титули и куп-трофеи.
Покрај настапите за Црвена звезда, Миловановиќ ја градеше својата кариера и надвор од Србија. Играше за француски Ленс, грчки Паниониос, а во српското првенство го носеше дресот и на Вождовац. Фудбалската кариера ја заврши во 2014 година. Иако немаше многу настапи за националниот тим, сепак го носеше дресот на Србија на два пријателски натпревари во 2008 година, против Германија и Украина.


