Шок во ДФБ Покал: Третолигаш со гол во 96. минута го исфрли Баерн! (ВИДЕО)

Баерн Минхен и четврта сезона во низа остана без шанса за трофејот во ДФБ Купот на Германија, откако доживеа нов шок во најмасовното германско натпреварување. Момците на Томас Тухел загубија на гостувањето кај Саарбрикен со 2-1 (1-1), со гол примен во шестата минута од судиското надополнување. 

  • Извештај од натпреварот:

Околу 16.000 навивачи на „Лудвигспарк“ уживаа во атмосферата и на крајот во победа над најголемиот германски клуб. Баварците калкулираа со составот, Тухел даде шанса на неколку млади имиња, а дел од ѕвездите беа поштедени. И покрај тоа, гостите први поведоа преку Томас Милер кој во 16. минута погоди по асистенцијата на Крациг. 

До полувремето за лудило на трибините стрелаше Патрик Сонтхајмер, кој во 46. минута погоди за 1-1 и целосно уживање во редовите на третолигашот. Во продолжението фаворитот тргна да брка победа и Тухел ги уфрли Мусиала, Гнабри и Коман, меѓутоа домаќинот ги затвори приодите кон својот гол. Иако имаа доста шанси пред голот на Саарбрикен, играчите на Баерн не успеаја да го пронајдат патот до мрежата. Казната за промашувањата дојде во 96. минута кога Марсел Гаус стрела по асистенција на Цивеја за 2-1. На трибините се случи вистински делириум, а водени од таквата атмосфера фудбалерите на Саарбрикен издржаа во завршницата и го исфрлија гигантот од Купот. 

Огромната сензација за 15. тим на табелата во Третата Бундеслига е надополнување на нивниот историски настап во полуфиналето на ова натпреварување пред четири години. Од друга страна, баварците четврта година во низа запираат во првата фаза бидејќи губеа од Аугсбург, Борусија Менхенгладбах и Холштајн Кил.