Шмајхел бесен: Бевме во игра сè додека судијата не реши поинаку!

Ливерпул го совлада Лестер и со високи 4-0 на „Кинг Пауер“ со три гола за седум минути. Со таа победа екипата на Клоп се одлепи на 13 бодови позитива и натпревар помалку на лидерската позиција. 

Домаќините, иако губеа од првиот дел, добро парираа, а голеадата започна со пеналот на Милнер во 71. минута. Сепак, голманот на Лестер, Каспер Шмајхел алибито за поразот го побара на туѓа сметка. Синот на легендарниот Питар, смета дека судијата имал големо влијание врз натреварот, иако немаше спорни ситуации.

„Бевме во игра се додека судијата не одлучи да стане херој на мечот“, истакна чуварот на мрежата. 

Поради густиот празничен распоред на Островот, од Лестер ќе немаат многу време за губење, бидејќи веќе утре гостуваат кај Вест Хем. Ливерпул ќе игра ден подоцна, кога на „Енфилд“ гостува Вулверхемптон.