• Иван Димовски

Фудбалерите на Шкупи го загубија и реваншот од Шамрок Роверс со 1-2 (0-0), во третото претколо за пласман во Лигата на Европа. Чаирчани одиграа храбро, беа екипа со повеќе посед и повеќе притискаа, меѓутоа ривалот мудро ги победи со контра напади. Шампионот на Македонија ќе продолжи во плеј-офот за Конференциската лига на УЕФА, каде што за ривал ќе го има подобриот од двомечот меѓу Балкани (Косово) и Клаксвик (Фарски Острови).
Гоце Седлоски не можеше да смета на Валид Хамиди кој доби црвен во Ирска, а замина и Цефас, но во тимот се врати Блертон Шеји. Меѓу стативите стандардно застана Наумовски, во одбраната почнаа Фаустин и Маргвелашвили, со Тимовски и Шеји на бековските места. На средината стандардно истрчаа Алварез и Куевен, со Али, додека нападот го сочинуваа Адетунџи, Ламане и Ѓорѓиев.
Веднаш на стартот на дуелот чаирчани имаа изгледна шанса преку Адем Али, кој биеше крај голот, а по него се закани и Тимовски од втор план. На спротивната страна Шамрок беше опасен по контри, па Гафни ја стресе рамката од домашниот гол. Шкупи беше доминантен, го притиснаа ривалот пред својот шеснаесетник, меѓутоа Ирците одлично се бранеа. Македонскиот првак се закануваше главно од полушанси, со удари од неизградени позиции и од далечина, па само ги тестираа можностите на голманот Манус. Во завршницата на првиот дел Шамрок беше близу до водство, но не искористи двојна шанса. Голманот Наумовски излета од линијата, топката беше префрлена до Тауел, чиј удар на гол линијата го спречи Фаустин. Веднаш потоа одбиената топка дојде до Гафни, играчот на Шамрок биеше, меѓутоа Наумовски навреме се врати да го скроти шутот.
По полувремето, Седло посегна по клупата и ги уфрли Трапановски, Абдула и Брдаровски наместо Адем, Ламане и Шеји. Шамрок се повлече, па домашниот тим уште повеќе притисна. Првата закана по паузата ја имаше Пепи Ѓорѓиев кој одлично прими висока топка, меѓутоа биеше млако кон голот. По него обиди имаше и Сандеј Адетунџи, кои не беа многу опасни за гостите. Казната за неефикасноста во нападот на чаирчани пристигна во 65. минута. Алварез загуби топка на средината, Шамрок направи брза транзиција, па Рори Гафни биеше од околу 20 метри и со помош на блокот го лобува Наумовски за 0-1.
Шкупи притисна во завршницата, имаше уште по некоја можност за погодок, меѓутоа не успеа во својата намера. Шамрок пак, не отстапи од својата игра, се одбрани до крајот и беше опасен преку контри за второ славје против македонскиот тим. Од слична таква ситуација падна и вториот гол. По долго исфрлена топка, Наумовски излета од линијата, ја промаши и му дозволи на Аидомо Емаку лесна реализација на празна мрежа за конечните 0-2 во 85. минута.
Во последните секунди од натпреварот, Сандеј Адетунџи постигна почесен погодок за Шкупи. Нигериецот доби топка на околу 20 метри, па со одмерен удар погоди во долната лева голманска страна за конечните 1-2.
Викендов чаирчани ги очекува дуел од ПМФЛ против Македонија Ѓорче Петров, а веќе в четврток ќе го дознаат ривалот за плеј-офот во Конференциската лига.