Шкупи во турски Болу ќе темпира форма за Лига Европа

Македонскиот прволигаш Шкупи главната фаза на подготовки за Лигата на Европа ќе ја одработи во Турција, во градот Болу, каде ќе замине пред крајот на овој месец.

Чаирчани во шокантна завршница дојдоа до место во еврокуповите, а на 25 јуни ќе заминат за Турција каде ќе ги имаат главните подготовки. Веќе се финализира планот на работа, а останува уште да се договорат тест-средбите.

Од фудбалерите, директно во Болу на тимот ќе му се приклучат Сержињо и Ндонг. Од Шкупи велат дека се работи на подобрување на ростерот на тимот и дека се преговара со имиња од домашната сцена и од странство.

Шкупи заврши на четвртото место во ПМФЛ, а втора година по ред ќе ја претставува Македонија во Лига Европа. Во ланското издание, чаирчани немаа среќа и налетаа на Глазгов Ренџерс, но достојно му се спротиставија на трофејниот ривал.