ВИДЕО: Шкупи со пресврт грабна полн плен со Академија Пандев

Екипата на Шкупи конечно победи по четири кола и на домашен терен славеше над Академија Пандев (3-1), во меч во кој доминираше во второто полувреме. Така, по 16 кола, струмичани се на пет бода до лидерот Вардар, кој иако три кола е без победа, сепак е на чекор до есенската титула.

Ќатип Османи ги погоди замените, затоа што токму тие диктираа во пресврт-победата над гостинот од Струмица. Овој резултат го радува лидерот Вардар, затоа што „црвено-црните“ со ремито во Кратово ја зголемија бодовната разлика на табелата за еден бод.

„Пандевци“ притиснаа уште од самиот старт, а мрежата на Шкупи ја затресоа во седмата минута. Одличен во казнениот простор беше Рајковиќ, кој реагираше по еден центаршут и успеа да го надмудри голманот на Шкупи (0-1).

Само три минути подоцна, гостинот од Струмица имаше нова добра шанса за гол, повторно преку Рајковиќ, но не се реализира, а домаќинот првпат сериозно се закани во 16. минута, со обид на Бајрами кој по силен шут го промаши голот.

Избраниците на Тренчовски имаа минимапна предност на паузата, а Шкупи, кој го освежи тимот со Јусуфи и Дарбо, за само десет минути успеа да направи пресврт. Прво, во 67. минута погоди Сержињо, а потоа стрелаше и нововлезениот Дарбо, на ефектен начин, откосо, за голема радост на „Чаир“ (1-1).

Точка на победата на Шкупи стави исто така уште една измена - Фатон Јусуфи, кој во 94. минута погоди во мрежата на Чубраковиќ.

Чаирчани се наоѓаат на петтото место во ПМФЛ со 22 бода, додека Академија Пандев, која пет кола е без победа, следната рунда ја чека дерби-дуел со Вардар.