ВИДЕО: Шкупи се враќа од Шкотска со два гола негатива, победничко деби на Џерард

Илијоски Ренџерс

Во првиот меч од квалификациите за Лига Европа, Шкупи загуби на гостувањето кај Ренџерс (2-0) на официјалното деби на легендарниот Стивен Џерард на клупата на шкотската екипа. Овој пораз чаирчани ќе можат да го анулираат за пет дена пред своите гледачи во Скопје.

Мечот имаше бавен почеток со две шанси на двете страни. Џејми Марфи се закани по голот на Суат Зендели, а неколку минути подоцна возврати Благоја Љамчевски, кој со левата нога биеше над голот на домаќинот. И потоа следуваше водечкиот погодок на Ренџерс кој беше дело на Марфи. Напаѓачот биеше кон голот на Шкупи, а голманот на македонскиот тим можеби можеше да има подобра реакција, па на крај ја вадеше топката од својата мрежа.

Од тој момент, домашните фудбалери се ослободија, го постигнаа тоа што го посакуваа, па нивните напади пред гостинскиот гол беа честа појава. Баже Илијоски, најдобриот голгетер на тимот на Зекирија Рамадани, немаше многу можност за докажување, а во првиот дел остана запаметен по тоа што го доби единствениот жол картон од главниот судија. Последните две шанси, кои можеа да донесат повисока предност за шкотскиот прволигаш, ги имаше Џош Виндас кој двапати биеше со глава, но немаше среќа да го промени резултатот пред паузата.

Продолжението не донесе возбудувања, Шкупи немаше сили да се надигрува и да го израмни резултатот, па на победата и се израдуваа домашните навивачи. Истата беше извојувана со повеќе гола разлика благодарение на пеналот во продолжението на Џејмс Тавернир.