Шкупи се реши за промени, му врачи отказ на Гоце Седлоски

Челниците на македонскиот првак Шкупи решија дека е време за промени на тренерското место и му врачија отказ на Гоце Седлоски. 

48-годишниот стручњак го напушта кормилото на „чаирчани“ по речиси две години. Седлоски во текот на оваа сезона веќе еднаш замина од клубот откако си поднесе оставка, меѓутоа бргу се врати и продолжи да го води тимот. Сега, по серијата турбулентни резултати, поразите од Силекс и Струга, како и двaта реми исхода со Академија Пандев веројатно ја „прелија чашата“. 

Клубот се реши дека е време за промени, па за време на репрезентативната пауза ќе работи на ново име за клупата. Седлоски по 72 официјални натпревари како тренер на Шкупи, заминува од Чаир. Стручњакот кој низ кариерата работеше како тренер на Турново, Вардар, Рига, Широки Бријег и Динамо Загреб 2, ќе побара нов предизвик.

Целта на Шкупи е одбрана на шампионската титула, меѓутоа тоа нема да биде лесно бидејќи лидерот Струга Трим Љум има четири бода предност и решителност да оди до крај.