ВИДЕО: Шкупи се „распука“ во Прилеп и со сет-голови ѝ се реваншира на Победа!

Екипата на Шкупи не дозволи нов кикс против Победа и среде Прилеп се избори за убедлив триумф од 0-6 (0-3), во рамките од 16. коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ). Со овие три бода, тимот од „Чаир“ продолжи да го следи чекорот на лидерот Стурга Трим Љум и се врати на негатива од пет бода, откако во саботата стружани со минимални 1-2 славеа над Силекс. Победа пак останува закована на претпоследната позиција на табелата со само 11 бода, шест помалку од Македонија ЃП, која е прва над црвената зона. 

По ремито во нивната прва пресметка оваа сезона, кога на „Чаир“ прилепчани стигнаа до 1-1, шампионот беше силно мотивиран за одмазда, а тоа го направи со камата. Победникот на натпреварот на стадионот „Гоце Делчев“, кој одново беше солидно исполнет, беше решен уште во првите 45. минути. Шкупи тргна офанзивно и со цел што побрзо да ја заврши зададената задача, а тоа му успеа уште во 15. минута, откако Тофилоски двапати беше совладан. Резултатот го отвори Хамиди, кој доби прекрасна топката во празно од Алварез и сигурно реализираше, додека седум минути подоцна Трапановски со прекрасен гол од полулево стрелаше за големи 0-2 за својот тим. Потоа, се повреди голманот Тофилоски, а го замени Котевски.

По почетниот шок, прилепчани за момент успеаја да се ослободат од притисокот и заиграа нешто поангажирано, но без резултат. Нападот беше надвор од форма, додека одбраната повторно покажа дека е ранлива и Шкупи на полувреме замина со огромни 0-3. Стрелец на третиот гол за чаирчани беше Реналдо Цефас, кој го постигна можеби најлесниот гол во кариерата, откако ја искористи катастрофалната реакција на Котевски.

Прилепчани вториот дел го започнаа со отворен гард. Свесни дека се далеку од поволен резултат, се решија целосно да се отворат и да се надигруваат со фаворизираниот противник, што донесе доста возбудувања пред двата гола. Наумовски неколку пати беше ставен на големи маки, додека на спротивната страна Шкупи се закануваше со брзи контри, а Адетунџи по една таква ја погоди стативата од домашниот гол. Само неколку минути по шансата на Нигериецот, чаирчани повторно ја затресоа мрежата на Победа, откако Хамиди со својот втор денешен погодок стрелаше за 0-4, додека во самата завршница Куевен и Алварез ставија точка на натпреварот и Шкупи од Прилеп се враќа со победа од 0-6.

Шкупи остана на второто место со 28 бода, пет помалку од лидерот Струга Трим Љум, а Победа е претпоследна со 11 бода. Во следното коло, кое на програмата е наредниот викенд, Шкупи ќе ја пречека Брегалница, додека Победа ќе се сретне со Скопје.