ВИДЕО: Шкупи пружи солиден отпор, но Шкендија замина со бодовите од Струга!

Фудбалерите на Шкендија со пресврт славеа против екипата на Шкупи (1-2) во заостанатиот натпревар од 12. коло на Првата македонска фудбалска лига.

Првото полувреме на „Градскиот стадион“ во Струга не понуди многу возбудувања. Тренерот на тетовчани Јетон Беќири не можеше да смета на Рамадани, Цаке и голманот Гаје, а покрај нив поштеда добија уште неколку првотимци. Од клупата мечот го почнаа Вебстер, Трумчи, Тамба, Љатифи, Красниќи, Алхасан...

Шкупи беше добро поставен и солидно му парираше на шампионот до степен да нема ниту една вистинса шанса за гол. Иако разликата во квалитет е јасна, Шкендија се измачи против добро поставениот ривал кој важеше за аутсајдер. Така, првиот дел заврши без погодоци (0-0).

Во продолжението Беќири мораше да прави замени, па се сврте кон дел од резервистите. Иако притиснаа тетовчани, во една транзиција првиот гол на средбата го постигна Шкупи. Течеше 57. минута од средбата кога „чаирчани“ поведоа со голот на Луис Рибеиро. Португалецот доби топка низ одбраната од Мухарем, дефанзивците на Шкендија лошо реагираа и тој ја втурна во мрежата за 1-0.

Шкендија фрли сè на карта напад, во игра влегоа сите носители на играта, а тоа вроди со плод. Во 72. минута израмнување за шампионот донесе стоперот Имран Фетаи. По корнерот кој го изведе Красниќи, дефанзивецот беше највисок во скокот и со глава реализира за 1-1. Веќе осум минути подоцна следуваше и гол за целосен пресврт на резултатот. Стрелец на голот беше Лиридон Љатифи, кој стрела за 1-2, резултат кој се испостави како конечен.

Сега тетовчани се израмнија по бројот на одиграни натпревари со конкуренцијата, па заостануваат три бода зад Вардар и два зад Струга.