Шкупи промовира турски тренер кој водеше тим во Лига Европа

Македонскиот шампион, екипата на Шкупи го потврди наследникот на Гоце Седлоски кој доби отказ по турбулентните резултати во изминатиот период. 

Ново име на клупата на „чаирчани“ ќе биде Чихат Арслан, турски тренер кој е близок со сопственикот на клубот Ајдин Олгун. Се работи за 53 годишен стручњак кој веќе има богато портфолио бидејќи водеше доста турски екипи. Тој работеше во Касимпаша, Ахисарспор, Гезтепе, Маниса, Јени Малатијаспор и доста други турски клубови, додека во странство беше на клупата на Челик Зеница во 2019 година, кога Олгун беше сопственик на босанскиот клуб. 

Арслан врвот на својата кариера го имаше во Ахисарспор, тим кој го водеше во групната фаза на Лигата на Европа на пет натпревари. Неговото искуство треба да биде од голема помош за Шкупи во битката за титулата. Во неговиот стручен штаб се приклучува и Февзи Лајич како помошник. 

За време на репрезентативната пауза, Арслан ќе има доволно време да создаде слика за тимот, а тој веќе го поведе Шкупи и во тренажниот процес.