ВИДЕО: Шкупи прокоцка победа, но со реми со по три гола се враќа од Ерменија

Македонскиот претставник во Лига Европа, Шкупи прокоцка победа и со два примени гола во финишот, со реми се враќа од ерменскиот град Ѓумри и дуелот со поискусниот Пјуник во рамките на второто коло на Лига Европа (3-3). 

Не можеше полошо да почне дуелот за чаирчани. Уште во петтата минута Билали невнимателно го сруши Варданиан, а главниот судија Лука од Сан Марино без размислување покажа на бечата точка. Човекот над кој беше направен прекршокот ја презеде одговорноста и го матира дебитантот Тулио (1-0).

  • Извештај од натпреварот: 

Сепак, примениот гол не ги поколеба фудбалерите на Шкупи. Не беа опасни по домашниот гол, но Умит Каран бараше да играат мирно, по земја и со идеја. Така, стрпливоста им се исплатеше и во финишот на првиот дел од два прекини стигнаа до пресврт.

Најнапред, во 26. минута Мухарем Бајрами изведе слободен удар во висина на казнениот простор одлево. Неговиот центаршут не го зафати ниту еден гостински фудбалер, домаќините не расчистија и топката заврши во мрежата на Драгојевиќ (1-1). Не се ни созедоа од примениот гол, а Ерменците пак ја вадеа топката од мрежата. На две минути до одморот, Жуниор изведе корнер од левата страна, од втор план надојде и високо скокна Дарко Илиески и ја закова топката во голот на Пјуник (1-2). 

На почетокот од вториот дел Јурина имаше голема шанса, но од само 2-3 метри од тешка позиција, со глава биеше преку голот. Умит Каран го внесе Јусуфи во игра во 52. минута и Шкупи со човек повеќе во средниот ред подобро ја контролираше топката. 

„Црвените“ стана уште понервозни и по уште една колосална грешка, Шкупи го постигна третиот гол. Црногорскиот голман Драгојевиќ грубо погреши во 60. минута и искусниот Бајрами со својот втор гол од слободен удар зголеми на 1-3.

Домашниот стручен штаб изврши офанзивни замени, а во 71. минута и среќата ги посака чаирчани. Варданиан со глава само од неколку метри биеше, Тулио беше совладан, но топката среќно заврши крај дирекот. Во 80. минута домаќините бараа најстрога казна заради играта со рака на Ѓорѓиевски, но судијата не мислеше така и не ја прекина играта. 

По корнерот кој следуваше највисоко скокна Максим Жестоков, гостинскиот голман Тулио не беше најсигурен и топката отседна зад неговиот грб (2-3). Чаирчани видно уморни, се повлекоа и само се бранеа. Енергијата на Пјуник сепак ги надвладеа и Манучариан со гол од десната страна во 85. минута ги постави финалните 3-3.

Шкупи и со ова реми со три гостински голови се враќа со позитивен скор и ако го положи тестот следниот четврток ќе се избори за два натпревари со Јаблонец во третото коло.