ВИДЕО: Шкупи по пет порази во низа го „тресна“ шампионот во Чаир!

Фудбалерите на Шкупи конечно ставија крај на кризата и по пет порази во низа го совладаа шампионот Струга Трим Љум и тоа убедливо со 3-1 (2-0) на „Чаир“. Средбата од 17. коло во ПМФЛ се играше без присуство на публика, а и покрај тоа „Шверцери“ од крај стадионот сведочеа на победата на своите миленици.

Уште од првата минута чаирчани влегоа во натпреварот поактивно и почнаа да притискаат пред гостинскиот гол. Отпорот на стружани „пукна“ во 17. минута, по еден корнер и голема мешаница топката во мрежата ја втурна Ел Хаџи Гуеје за 1-0. Продолжи Шкупи да игра сигурно, а тоа резултира со најстрога казна. Одговорноста ја презеде Џелил Асани и го матира Ќосевски, зголемувајќи на 2-0 во 32. минута. Се обидуваше Струга да креира во одредени моменти, ама не успеа да го загрози голот на Иљази.

Во второто полувреме чаирчани свесно се повлекоа и средината на теренот му ја препуштија на противникот. Стружани го контролираа темпото, притискаа и се обидуваа да дојдат до гол, меѓутоа дефанзивата на домашните беше компактна. Шкупи го казни фактот дека ривалот беше насочен само на офанзива со трет гол во 74. минута. Диене исфрли со глава, а топката му беше вратена и тој ја испрати до Гуџуфи. Младите офанзивци на чаирчани добро истрчаа контра, Гуџуфи ја протна во простор топката до Георг Стојановски кој одлично се снајде и стрела за 3-0. Во судиското продолжение конечниот резулатт го постави Кехинде кој даде почесен гол за стружани.

Чаирчани забележаа победа по долга пауза и стигнаа до 19 бода на шестата позиција, а Струга загуби чекор со водечките и остана на 29 едно место над чаирчани.