Шкупи не можеше да го совлада Трајчевски, но пак е вицешампион во ПМФЛ!

Екипата на Шкупи ја оствари зацртаната цел, одигра нерешено против Пелистер (0-0) и со освоениот бод и официјално е вицешампион во Првата македонска фудбалска лига, сезона 2020/21.

Во отсуство на најдобриот фудбалер на Пелистер оваа полусезона, Омар Гудиаби, кој нема право на настап против клубот од каде е пратен на позајмица, Капинковски шанса му даде на Принц Ампонсах и Размоски, кои во нападот му правеа друштво на искусниот Маневски. 

Формациски гледано, битолчани доста офанзивно го започнаа натпреварот во Скопје, но на терен сликата беше сосема поразлична. Шкупи беше тимот кој ја имаше контролата врз играта и во неколку наврати се закани пред голот на Трајчевски, кој денес застана меѓу стативите на „зелено-белите“ наместо стандардниот првотимец Давор Талески.

Првата посериозна можност за отворање на резултатот пристигна во 23. минута кога солиден удар со лева нога испрати Исени, но само покрај голот на битолчани. Неколку минути подоцна Алварез имаше зицер позиција, но не ја искористи и резултатот остана оној почетниот. До крајот на првиот дел и Региналдо пропушти изгледна шанса да ја круниса со гол иницијативата на својата екипа.. Во самиот финиш од полувремето Алварез одново се закани, но Пелистер на голот го имаше расположениот Трајчевски, кој запиша уште една успешна интервенција.

Ако во првиот дел битолчани играа поповлечено и својата шанса ја чекаа од прекин или контра напад, на стартот од вториот се решија да се надигруваат со домаќинот. Тоа можеше да резултира со водство во 52. минута, кога Нето можеше да бира дали да шутира или да додаде до Маневски или Принц Ампонсах, но се реши удар и погреши. 

Офанзивниот пристап на игра на гостинскиот тим им отвори многу простор на избраниците на Седлоски, па нововлезениот Адем можеше да го искористи тоа, но биеше само во рацете на добропоставениот Трајчевски. По одличниот дел на пелистерци и неколкуте можности за отворање на резултатот, Шкупи повторно презеде сè во свои раце. Тежиштето на играта се префрли на половината на битолчани, но Трајчевски имаше одговор за секоја закана и ја сочува својата мрежа од сите налети на чаирчани (0-0)

Во следното коло по кое ќе биде спуштена завесата во ПМФЛ, Пелистер ќе ја пречека Беласица, додека Шкупи го игра дербито со Шкендија.