ВИДЕО: Шкупи конечно ја прекина црната серија и на Чаир го порази Силекс

По долга серија негативни резултати, фудбалерите на Шкупи конечно се израдуваа на победа и тоа во дуелот со Силекс (2-1) во 28. коло од ПМФЛ.

Гостинот започна подобро и имаше контрола над топката во првите 15 минути. Направи неколку обиди од прекин, но ниту еден со сериозна закана по голот на голманот Енес Азизи. На тоа чаирчани возвратија со промашен зицер. Мухарем Бајрами нафрли, а несигурноста на противничкиот голман не ја искористи Берат Џонатан Устабаши кој биеше со глава, но ја промаши рамката од голот на гостите.

Подобриот период домашната екипа го искористи за да стигне до водство. Дефанзивецот Христијан Грозданоски направи прекршок за најстрога казна, по кој Рон Броја биеше неодбранливо по средината од голот (1-0). Фаулот беше направен врз Фати Исмаиљи кој подоцна се погрижи да ја зголеми предноста.

Одбраната на Силекс одново имаше лоша реакција која ја искористи Исмаиљи и со лизгачки старт вторпат ја затресе мрежата на противникот. Резултатот од првиот дел беше приказ на доминацијата на Шкупи и одраз на ефикасното користење на секоја грешка на гостинскиот тим.

Вториот дел започна со поништен погодок на домаќинот. Бесар Исени биеше силно од слободен удар, а по лошата реакција на Андреа Ефремов, гол постигна Устабаши, но судијата Александар Ставрев поради недозволена позиција високо ја крена раката и спречи нова радост на публиката.

Веќе во следниот напад екипата од Кратово намали на 2-1. Дарко Алексовски центрираше, а топката со многу среќа стигна до Филип Дурански. Тој зафати еден прекрасен волеј и постигна ефектен погодок, со кој ја врати надежта за бодови меѓу соиграчите.

Од тој момент, гостинските фудбалери храбро тргнаа во потрага по еден бод. Сепак, неколку полушанси не беа доволни за вторпат да се надмудри одбраната на тимот од Чаир. Во следното коло Силекс ќе го пречека Работнички, а Шкупи ќе гостува кај Победа.

ПМФЛ
ОН П Н И Гол. ГР Форма Бод.
1 ШкендијаШкендија 29 20 6 3 63:21 42 66
2 ВардарВардар 29 15 9 5 32:17 15 54
3 Академија ПандевАкадемија Пандев 28 14 5 9 32:23 9 47
4 ШкупиШкупи 2 29 11 6 12 30:29 1 39
5 РаботничкиРаботнички 1 29 11 6 12 36:40 -4 39
6 РеноваРенова 1 29 9 9 11 34:37 -3 36
7 Македонија Ѓорче ПетровМакедонија Ѓорче Петров 29 8 11 10 35:41 -6 35
8 СилексСилекс 29 7 10 12 20:35 -15 31
9 БеласицаБеласица 29 6 9 14 25:39 -14 27
10 ПобедаПобеда 28 5 5 18 20:45 -25 20