Шкупи го остави проблемите во Скопје и мисли само на победа во Ерменија

По ланскиот неуспех против шкотскиот гигант Глазгов Ренџерс и елиминацијата уште во првото коло, попладнево екипата на Шкупи ја започнува нова европска авантура. 

Чаирчани од 15:30 часот гостуваат во Ереван кај тимот на Пјуник, кој е фаворит на хартија во овој двомеч. Но, како што вели тренерот Умит Каран, Ерменците тоа треба да го докажат на терен. Македонскиот тим и покрај сериозните проблеми со кои се соочува со повредени играчи со позитивни вибрации отпатува на ова гостување.

Каран вчера им ги подели последните совети на своите пулени и го одржа единствениот тренинг на ерменско тло, а до стартот на мечот му останува само еден проблем – со кој состав да истрча на терен. 

Пјуник ланската сезона во ерменската Премиер лигата ја заврши на втората позиција со само еден под помалку од шампионот Арарат, додека во подготвителниот период одигра две средби. На истите забележа победа над Краковија од 1-0 и ремизираше против Херберг (1-1). 

Реванш средбата е закажана за по седум дена на Арената „Тоше Проески“ со почеток од 20:30 часот.