ВИДЕО: Шкупи двапати водеше, но одигра реми против големиот Фенербахче!

Екипата на Шкупи одработе неверојатна задача и успеа да одигра реми со гигантот Фенербахче среде Турција (2-2). Овие две екипи се сретнаа во пријателски натпревар во склоп на подготовките кои ги одработуваат пред стартот на новата сезона, а чаирчани покажаа дека не се шегуваат и максимално мотивирано одиграа реми против турскиот ривал. 

Гоце Седлоски се реши да изнесе најсилен состав, па така на терен истрчаа Наумовски на голот, Сенгор, Маргвелашвили, Брдаровски и Шеји во дефанзивата, Златков, Алварез, Куевен, Хамиди и Данфа на средината и Адетунџи во нападот. Од друга страна, ниту ривалот не истрча со наивен тим, па заиграа екс-играчот на Баерн, Луис Густаво, Кавечи, Новак.. 

Напаѓачот од Нигерија, Сандеј Адетунџи го отвори резултатот и Шкупи по дванаесет минути поведе со 0-1. Радоста на скопјани траеше кратко, бидејќи Фенербахче експресно се врати во игра преку Линколн и во 15. минута израмни на 1-1. Погодоци немаше до продолжението, а потоа Шкупи дојде до нова предност уште во втората минута од вториот дел. Одново, стрелец на погодок беше Адетунџи. Иако долго водеа, момците на Седлоски не издржаа до крај и примија гол во 82. минута преку Мухамед Гамушкај за конечни 2-2. 

На Шкупи до крајот на подготовките му останува уште тест со Херманштад, додека потоа следи двомечот со Линколн Ред Импс.