Шкупи доби нов генерален спонзор во името на „Паша Груп“!

Фудбалскиот клуб Шкупи на официјален настан и прес-конференција го потврди новиот генерален спонзор. Станува збор за компанија лоцирана во северен Кипар која се занимава со хотелиерство под името „Паша Груп“. 

Сопственикот на клубот од Чаир, Олгун Ајдин, заедно со претставник од новиот генерален спонзор ја потврдија соработката. Двајцата имаа свое обраќање на јавноста и порачаа дека пред Шкупи се успешни денови. 

„Сакам да се заблагодарам на компанијата „Паша“ за почетокот на новата соработка. Доколку во земјава овозможиме да има правда, праведност и доверба во спортот, многу поголем би бил и бројот на спонзорства кои ние како клубови би ги привлекувале. Ова се значајни чекори за развивање на спортот во Македонија. Довербата за која зборувам ќе ни ја пружи „Паша Груп“ како најголем спонзор кој влегува во земјава и нашиот клуб. Ова спонзорство е голем чекор напред за нас и мак-фудбалот. Дополнително, планираме да работиме нов проект заедно со нив, со поддршка од државата“, изјави Олгун. 

Покрај претседателот, на јавноста ѝ се обрати и спортскиот директор Туфан Даш. Турскиот спортски работник се враќа во управата на скопскиот клуб. Тој работеше како спортски директор во 2018 и 2019 година, а потоа замина во Бешикташ каде што беше главен скаут. Сега се враќа и добива позиција на директор во Шкупи.

„Во фудбалот важи правилото, дека на терен сме противници, а надвор од него сите сме пријатели. Со оваа соработка со Паша Груп како дел од нашиот клуб, верувам и сигурен сум дека ќе имаме голем успех и достигнувања“, изјави Даш.

Новиот спонзор на Шкупи, компанијата „Паша Груп“ е спонзор и на неколку големи турски клубови како Фенербахче, Бешикташ, Трабзонспор, Гезтепе, Коња, Анталија...

Шкупи минатата натпреварувачка сезона ја заврши на третото место. Сепак, до последен момент „чаирчани“ беа во трката за титулата, но загубија чекор. Во новата сезона Шкупи влегува со слични амбиции, свеж капитал и неколку новајлии во првиот тим. 

Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.