ВИДЕО: Шкупи брзопотезно ја уништи Струга и покажа кој е кој во ПМФЛ!

Екипата на Шкупи одигра доминантен дуел, убедливо славеше над Струга Трим Љум (4-0) со блескава игра во второто полувреме и покажа зошто е најдобрата екипа во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) во моментов.

Чаирчани сервираа одмазда за стружани, затоа што тие беа првите кои им го зедоа скалпот оваа сезона, во првиот меѓусебен дуел кој се одигра на стартот на сезоната крај езерото и заврши со резултат 4-2 за домашните. Седлоски може да биде задоволен од она кое го виде, посебно изданието во второто полувреме. Интересно е што три од четирите гола паднаа со глава. За Шкупи ова беше единаесетта победа по вкупно 15 рунди во лигата.

Дуелот на „Чаир“ почна со голем притисок на Шкупи, а првата сериозна шанса пристигна во 13. минута кога Адетунџи се обиде со глава, но голманот Талески изби во корнер. Десетина минути подоцна се обиде и Радески, исто така со глава, арно ама повторно Талески се покажа на дело и изби над пречката. Струга чекаше шанса преку контра, но не ја добиваше. Шкупи беше тимот кој играше на половината на гостите и диктираше темпо.

Пред крајот на првиот дел и двата тима почнаа со доста груба игра. Повеќе груби беа домашните, но немаше сериозни санкции. На самиот крај на првите 45 минути црвен картон доби еден од членовите на стручниот штаб на Срѓан Захариевски, а на патот кон соблекувалната од таборот на чаирчани имаа големи замерки кон главните делители на правдата.

На стартот на вториот дел видовме еден нов Шкупи и три брзи гола. Интересно и трите беа со глава. Прво во 53. минута Сандеј Адетунџи реализира по асистенција на Матеј Цветаноски, за потоа, по еден изведен корнер во 59. минута во листата на стрелците да се запише и Сенегалецот Фаустин Сењор. Не се чекаше долго на трет гол, затоа што стружани погрешија веднаш по тргнувањето од центар, а по обид со глава на Радески, Талески одбрани, топката заврши до Цветаноски, тој повторно нафрли и од втора прецизен беше Кире Маркоски, за 3-0.

Се играше 70-тата минута на натпреварот, кога видовме и четврти гол. Нововлезениот Валид Хамиди повлече една контра и шутираше по земја, Талески го одбрани неговиот шут, меѓутоа топката се одби до Сандеј Адетунџи и тој со својот втор погодок зголеми на 4-0. Тоа воедно беше и конечниот резултат, затоа што во последните дваесетина минути не се притискаше премногу и кон двата гола.