Шкендија знае како со Шкотите, може ли да го добие и Хибернијан?

Македонска Шкендија вечерва го започнува предизвикот во третото квалификациско коло од Конференциската лига со гостување кај шкотскиот Хибернијан во Единбург. Македонскиот вицешампион отпатува во Шкотска со јасна цел, да се спротивстави на физички силниот стил на игра на домаќинот и да обезбеди поволен резултат пред реваншот во Скопје.

Тренерот Артим Положани се приклучи на екипата на денот на натпреварот поради доцнење со визната документација, но стручниот штаб верува дека тимот е целосно подготвен за европскиот предизвик. Во составот ќе недостасуваат голманот Бабукар Гаје, кој сè уште закрепнува од повреда, како и левиот бек Бојан Димоски, кој има болки во десното рамо.

За Шкендија ова ќе биде втор дуел со шкотски клуб во европските купови. Претходно, во 2015 година, тетовци се сретнаа со Абердин, кога одиграа 1-1 во Скопје и 0-0 на гостински терен. Хибернијан до третото квалификациско коло стигна по пресврт против косовска Малишева. По поразот од 2-0 во Приштина, шкотскиот тим славеше со 4-1 во Единбург и обезбеди пласман понатаму.

Натпреварот ќе се одигра на легендарниот стадион „Истер Роуд“, дом на Хибернијан уште од 1893 година, а правдата ќе ја дели судиска четворка од Кипар, предводена од главниот арбитар Менелаос Антониу.

Натпреварот започнува во 21:00 часот, а директен пренос ќе има на МРТВ 2.