Шкендија жестоко ги нападна Шкупи и судијата Јакимовски!

Македонскиот фудбалски првак Шкендија се огласи со соопштение по натпреварот против Шкупи (1-1) одигран на стадионот „Чаир“ во рамки на 17. коло од Првата македонска фудбалска лига и реагира на организацијата и на судењето.

Тетовчани во неколку наврати беа удрени со пластични шишиња од трибината, а од клубот реагираат на арбитражата на Дејан Јакимовски, истовремено и на (не)реакцијата на делегатите и надлежните кога нивните фудбалери биле мета на домашните навивачи, „Шверцерите“.

  • Реакцијата на ФК Шкендија во целост:

„ФК Шкендија смета за должност да ја извести целокупната јавност дека денес на „Чаир“ се играше сè, само фудбал не.

Дека денес нема да се игра фудбал во Чаир беше јасно од понеделникот кога како главен судија беше делегиран Дејан Јакимовски. Делегирањето на овој судија за овој натпревар испадна онака како што ние очекувавме, како добро организиран од разни кујни од повисоки нивоа, кои што се чини дека одлучиле и оваа година да ја оштетат Шкендија.

ФК Шкендија веднаш по објавата на делегирањето на овој судија, во понеделник, достави барање до ФФМ истиот судија се изземе како главен судија и на негово место да се делегира судија кој што е професионално докажан. Но, ФФМ не само што не го одобри нашето барање, туку не даде ниеден службен одговор.

Дејан Јакимовски историски ја оштетил нашата екипа при делењето на правдата. Шкендија последните години неколку пати барала горенаведениот да не се делегира на натпреварите поради неговиот субјективен пристап против Шкендија. Но, за жал, федерацијата наместо да ги земе предвид овие поранешни искуства на штета на нашиот клуб, го делегираше Јакимовски на најважниот натпревар од сезоната.

Во текот на целиот денешен натпревар, Јакимовски ја делеше правдата на селективен начин, судејќи непостоечки фаули, со јасна тенденција да влијае на крајниот епилог на натпреварот. Ова не е првпат што во оваа сезона сме оштетени од страна на судиите, но политиката на Шкендија никогаш не била да се занимава со реакции од овој вид, напротив, секогаш сме биле концентрирани во изградбата на спортски капацитети и во изградба на нова екипа која ќе постигне резултати во европските натпреварувања.

ФК Шкендија исто така е разочарана од организаторот на овој натпревар, односно ФК Шкупи. Во текот на сите 90 минути беа фрлени повеќе од сто шишиња и други тврди предмети кон нашите фудбалери и кон персоналот на клубот, при што во повеќе наврати настрадаа нашите играчи. Сцените кои што ги доживеаме како клуб не претставуваат спортски или други вредности, кои што сите ние како клубови ги промовираме и треба да ги негуваме, размерно целите кои ги имаме.

Во неколку наврати после водството на Шкендија, домашната публика влегуваше на терен, а од трибините на ниту еден момент не изостана фрлањето на тврдите предмети и навредите. Иако сето ова се случуваше пред очите на судијата, тој дозволуваше играта да продолжи.

Иако од ФК Шкупи пред неколку дена изјавија дека е „добродојдена„ тетовската публика на овој натпревар на еден „европски стадион„, тоа што го видовме денеска докажува дека немаше минимални услови за безбедноста на играчите, персоналот и челниците на Шкендија, а камо ли услови за тетовската публика, за што организаторот треба предвремено да гарантира безбедност од највисок ранг што спречува разни можни инциденти, земајќи ги предвид и тие кои што можат да сносат фатални последици!

Нашите браќа од Скопје, со нивното недолично однесување, со навредите и пцовките не направија нималку чест на двете знамиња кои изгледаа многу убаво на трибината на нивните навивачи, нивните постапки воопшто не се совпаѓаат со пораката што ја испраќа ова знаме!

Бараме ова да биде последен пат што гледаме вакви сцени на стадионите, и апелираме ФФМ да ги казни сите срамни дејствија на фудбалските терени, додека на важните натпревари како што беше овој денешниот, да се грижат делегирањето на судиите и организацијата на натпреварите да бидат на ниво што гарантира адекватни услови и натпреварувачки аспект на фудбалската игра. Додека во случаи на прекршоци да се превземат адекватни казниви мерки“.

Шкупи е есенски првак и е на плус седум бода во однос на актуелниот шампион Шкендија. До крајот на полусезоната има уште еден натпревар кој се игра овој викенд.