• Иван Димовски

Фудбалерите на Шкендија викендов беа слободни од ПМФЛ, бидејќи Струга Трим Љум доби одложување на натпреварот поради европскиот двомеч со Есперанж.
Тетовчани го искористија празниот период и одиграа пријателска средба со Динамо Феризај, која ја добија со 2-0 (1-0). Дуелот се одигра на „Градскиот стадион“ во Тетово, каде што избраниците на Ардиан Нухиу одиграа квалитетно и заслужено победија.
Резултатот го отвори Аденис Шаља кој во 16. минута погоди за домашна предност од 1-0. Долго време беше актуелен токму тој резултат, за потоа пред финишот во 82. минута конечните 2-0 да ги постави Ералдо Чинари.
Нухиу на оваа средба играше со силен состав, а и резервистите беа стандардните резерви на Шкендија. Натпреварот се искористи за одржување на натпреварувачката форма на стартот на новата сезона.