Шкендија во полн состав од Гевгелија ќе ја започне одбраната на Куп титулата

По завршувањето на настапите на европска сцена, каде повторно играше во плеј-офот за Лига Европа, македонскиот фудбалски шампион Шкендија, сега своето внимание ќе го насочи кон настапите на домашно тло. 

По „топло-ладниот“ старт на сезоната во ПМФЛ (две победи и две реми средби), тетовчани утре ќе ги започнат настапи во националниот Куп. Прв противник на бранителот на Куп-титулата ќе биде второлигашот Кожув, а дуелот во Гевгелија по двете одлагања е закажан за утре, со почеток од 15:30 часот. 

Ќатим Османи за овој натпревар на располагање ќе ги има речиси сите фудбалери кои во изминатиов период имаа обврски кон своите репрезентации. Сепак, нема да може да смета на Арбин Зејнулаи и Мавел Мурати, кои уште не се 100% подготвени за настап, како и на Шефит Шефити, кој со Албанија У21 го игра дуелот против соодветната селекција на Италија. 

Шкендија оваа сезона атакува на третата Куп-титулата во последните четири сезона. Доминацијата во ова натпреварување, тетовчани го започнаа во 2016 година, кога во финалето триумфираа против Работнички (2-0), а лани му се реваншираа на Пелистер за поразот во финалната средба во 2017 година. 

Најнови вести од
Куп на Македонија, Македонија