• Горан Упале
Фудбалерите на Шкендија во вистински момент им се вратија на победите во Првата македонска фудбалска лига, откако во највозбудливиот натпревар од 14. коло со 4-3 ја совладаа Брера Струмица и се вратија на лидерската позиција на табелата.
Првото возбудување во Тетово пристигна во 11. минута, кога по еден прекин Цаке ја смести топката во противничката мрежа, но неговиот погодок не беше признат, поради офсајд. Домашните фудбалери протестираа, затоа што топката пред да дојде до Цаке последен ја удри гостински фудбалер, но првичната судиска одлука не беше променета. Сепак, само неколку минути подоцна сè беше регуларно и Шкендија заслужено поведе со 1-0. Рамадани испрати незгоден центаршут од десниот агол од казнениот простор на Брера, топката помина покрај неколку фудбалери и на крај заврши зад грбот на Купанов.
По примениот гол момците на Горазд Михајлов заиграа поофанзивно и поквалитетно и Тодоровски од далечина имаше неуспешен обид за израмнување, додека на спротивната страна тетовчани по вторпат беа сигурни во реализацијата и овој пат стрелаше Рамадани. По една голема мешаница пред гостинскиот гол топката со многу среќа дојде до Рамадани кој веднаш биеше и одново ја погоди целта, за комотни 2-0 за Шкендија. Сепак, на полувреме се замина со минимална предност за „црвено-црните“, откако гостинскиот офанзивец Марјан Ристовски постигна погодок каков ретко се гледа на македонските терени. Прво со финта си направи простор за удар, а потоа од работ на казнениот простор погоди во спротивниот агол за намалување на водството на домаќинот на 2-1, резултат со кој се замина на одмор.
Но, само што започна вториот дел гостинските фудбалери со тренирана акција ја изиграа домашната одбрана и нововлезениот Ѓорѓе Ивковиќ со мајсторски лоб погоди за израмнување на 2-2. Раниот погодок не ги шокираше домашните фудбалери, напротив ги мотивираше експресно да ја вратат позитивата на своја страна. Така по само две минути од голот на Ивковиќ, „деветката“ на Шкендија, Фисник Адеми погоди за 3-2, а нешто подоцна и Ване Крстевски со атрактивен гол против поранешната екипа зголеми на 4-2.
Сепак, тоа не беше сè од возбудувањата во Тетово, затоа што Ѓорѓе Ивковиќ од пенал во 77. минута намали на 4-3 и дербито влезе во неизвесна завршница. Брера Струмица го имаше последниот налет и притискаше по израмнување, но Шкендија не го дозволи тоа и одново го презеде врвот на табелата во домашниот шампионат.
Тетовчани се на врвот и поради подобрата гол-разлика се во предност пред Гостивар и Силекс, кои исто така имаат по 27 бода, додека Брера остана на осмата позиција со 15 бода.