• Горан Упале

Поранешниот шампион во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), Шкендија, и тим кој што и оваа сезона се бори за шампионскиот трофеј, преку соопштение го изрази своето незадоволство од судењето на последниот меч во кој ремизираа со Гостивар 2-2.
Исто така, тетовчани се зачудени зошто следниот натпревар на тимот против Вардар ќе се игра во сабота, а не во договорениот термин во недела.
- Соопштението на Шкендија ви го пренесуваме во целост:
„Сакаме да ве информираме за нашиот став во врска со последниот натпревар од 20. коло против Гостивар. Како клуб посветен на правдата и интегритетот на фудбалските терени, ние почувствувавме обврска да го изразиме своето незадоволство од делењето на правдата на овој натпревар, како и од промената на распоредот на средбите од 21. коло и дуелот против Вардар.
Во оваа прилика испративме официјална претставка до надлежните органи на Фудбалската федерација на Македонија, во која ја изразуваме нашата загриженост за погрешно справување со некои ситуации во текот на натпреварот. Ние како Шкендија продолжуваме да веруваме во транспарентност и објективност во процесот на делење на правдата и веруваме дека оваа реакција ќе биде третирана сериозно од страна на Федерацијата.
Ова јавно соопштение е објавено за да се разјасни мислењето дека клубот реагираше сега, како и секогаш, на различни официјални канали или со соопштенија за јавноста. Значи, одговорот се испраќа до соодветните надлежни органи, без да сакаме во јавното мислење да се протолкува како да бараме алиби за секоја ситуација. Ви благодариме за вашата континуирана поддршка. Со почит Шкендија“.
Шкендија пролетната сезона во ПМФЛ ја започна со една победа и едно реми.