Шкендија стартува како носител, против кого може во квалификациите за ЛШ?

Македонскиот старо-нов фудбалски првак Шкендија ја грабна титулата во ПМФЛ, па сега се фокусира на летниот предизвик, а тоа е квалификациите во европските купови, во случајов Лигата на шампионите.

Тетовчани на ждрепката во првата фаза ќе бидат носители, поради добрите резултати во изминатите години на европско тло. Шкендија има коефициент 6,000, па е во друштво на ТНС, Слован Братислава, АИК, Селтик, Бате Борисов, Астана, Карабах, Марибор, Црвена Звезда, Шериф Тираспол, Розенборг...

Веќе се наѕираат и можните ривали на тетовчани, а тоа се тимови кои, релативно, на хартија изгледаат како лесен залак. Од шеширот на неносителите, како сериозни ривали се босански Сараево, полски Пјаст Гливице, романски Клуж, како и унгарски Ференцварош.

  • МОЖНИ ПРОТИВНИЦИ НА ШКЕНДИЈА ВО ЛШ

Валета (Малта), Сараево (БиХ), Пиаст Гливице (Полска), Клуж (Романија), Ференцварош (Унгарија), Номе Калју (Естонија), Сутјеска (Црна Гора), Партизани (Албанија), Валур (Исланд), Линфилд (Северна Ирска), ХБ Торшавн (Фарски Острови), Рига (Летонија), Сабуртало (Грузија)

Во ждрепката недостасуваат уште три тима, еден меѓу носителите и два меѓу неносителите. Се работи за литванска Судува, која се очекува да биде меѓу неносителите, шампионот на Бугарија, за кого се очекува место меѓу носителите, како и шампионот на Ерменија, кој ќе биде меѓу неносителите.

Шкендија шеста година по ред ќе ја претставува Македонија во еврокуповите. Три години по ред тетовчани доѓаа до плеј-офот во Лига Европа, но не успеаја да влезат во групната фаза. Најголемиот успех во мак-фудбалот го држи Вардар, кој во сезоната 2017/18 стана првиот македонски клуб во групната фаза од натпреварувањата на УЕФА.