• Горан Упале

Фудбалерите на Шкендија со пораз ставија печат на уште една успешна сезоната во Првата македонска фудбалска лига, откако и покрај победата на Силекс во последното коло (1-3), во Тетово се славеше петтата титула шампион на Македонија.
- Головите од натпреварот:
Тетовчани носени од одличната атмосфера на трибините и славјето на „Шверцери“ мотивирано го започнаа натпреварот, но теренската иницијатива не успеаја да ја материјализираат со погодок. Гостинскиот голман Џеков во неколку наврати беше ставен на испит, но ударите на домашните фудбалери завршуваа или во добро поставениот гостински чувар на мрежата или покрај голот.
На спротивната страна, Силекс, од контра или грешка на противникот, ја чекаше својата шанса. А таа пристигна во 34. минута, кога поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Марко Ѓорѓиевски прво избегна офсајд, па со мајсторски дриблинг го помина директниот чувар и на крај со рутинска завршница со лева нога ја смести топката во противничката мрежа.
Само четири минути подоцна, некогашниот напаѓач на Шкупи и Брера одново се најде во фокусот на вниманието. Силекс доби најстрога казна, а Ѓорѓиевски ја презеде одговорноста и со прецизен удар на својот тим му донесе комотно водство од 0-2, резултат со кој се замина на одмор.
„Црвено-црните“ со цел да ја поправат лошата слика која што ја оставија во првиот дел и да избегнат пораз во последниот натпревар, второто полувреме го започнаа со уште посилно темпо. Очекувано, Беќири направи и неколку замени и тоа конечно вроди плод, откако по одлична акција резервистот Адеми го совлада Џеков и го врати домаќинот во игра на овој меч (1-2). Притисокот на тетовчани стана уште пожесток, пречката од голот на кратовци се тресеше, но не и мрежата, па трите бода заминаа за Кратово.Точка на победата на Силекс стави Тимовски со гол во судиското надополнување.
Без разлика на поразот во Тетово се славеше петтата титула шампион на Македонија, додека Силекс сезоната ја завршува на вицешампионското место кое носи европски натпревари ова лето.