ВИДЕО: Шкендија со пораз и во Скопје ја заврши европската авантура!

Екипата на Шкендија, иако важеше за фаворит на двомечот со Ноах, со два порази ги заврши настапите во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА. По неуспехот во Ерменија (2-0), вечерва нашиот вицешампион одново потфрли и загуби со 1-2 (0-1), за крај на европската авантура ова лето. Дуелот во Скопје започна со неколку возбудувања пред двата гола уште во раната фаза. Први се заканија гостите преку Пинсон, кој биеше над голот, додека на спротивната страна во слична ситуација се најде и Рамадани, но и тој не беше прецизен. 

Во 13. минута тетовчани одново се најдоа во гол-шанса, но ударот на Красниќи одлично го одбрани гостинскиот голман Чанчарециќ. Своја прво интервенција запиша и голманот на Шкендија, Амзаи, кој беше на висината на задачата по ударот на Сантош.

Но, 22-годишниот чувар на мрежата на тетовчани, кој го замени Талески меѓу стативите, не се прослави во 20. инута, бидејќи по еден прекин Миљковиќ биеше со глава, а иако топката одеше директно во рацете на Амзи, тој реагираше почетнички и низ неговите нозе влезе во мрежата, за водство на Ноах од 0-1. 

По водечкиот гол гостите од Ерменија имаа уште една голема шанса за погодок, но резултатот остана непроменет. Шкендија до крајот на полувремето се закани само уште еднаш, откако Трумчи биеше прецизно на втора статива, но Чанчарециќ повторно беше концентриран и изби во корнер. 

Тетовчани на најдобра можен начин го отворија вториот дел, бидејќи Кразниќи во 53. минута постигна гол за 1-1 и го врати својот тим во игра.

Но, домаќините не успеаја да го искористат позитивниот момент по израмнувачкиот гол и се мачеа да создадат посериозна шанса за нов погодок. Пред голот на Ноах имаше неколку возбудувања, но најчесто завршуваа покрај голот или пак во рацете на денес одличниот ерменски голман. 

Гостите, пак, откако мудро го одбранија својот гол, во самиот финиш ставија точка на големиот успех, откако Пинсон го матира Амзи и го постави конечните 1-2.

Така, Шкендија и оваа сезона е елиминирана уште во раната фаза од квалификациите и сега сите мисли ќе го насочи кон подготовките за новата сезона во ПМФЛ.