ВИДЕО: Шкендија со мајсторски голови до четвртфинале во Купот

Екипата на Шкендија си ја заврши задачата и успеа да слави над Тиквеш (2-0) за пласман во четвртфиналето од Купот на Македонија. Тетовчани дадоа по еден гол во двете полувремиња и се најдоа меѓу најдобрите шеснаесет во најмасовното натпреварување во земјата.

Избраниците на Јетон Беќири го одиграа одложениот дуел по план. Имаа иницијатива и шанси, а две од нив ги претворија во гол, иако против нив го имаа расположениот млад голман Стефан Тасев кој го чуваше Тиквеш во игра и беше главен виновник зошто не паднаа повеќе голови.

Во првиот дел, голманите Астрит Амзаи од Шкендија и Стефан Тасев од Тиквеш ги одбиваа налетите на противниците. Иван Ивановски се закани на страната на гостите, додека за домашните обид имаше Ендрит Красниќи.

И кога се чекаше полувремето да дојде, следеше фантастичен гол на Адаму Алхасан. Играчот на Шкендија испрати вистинска „бомба“ во голот на Тасев од далечина и донесе 1-0 за Шкендија на паузата. Во вториот дел имаше шанси и на двете страни, се играше доста активно, но на гол се чекаше до самиот финиш. Бесарт Ибраими и Атхе Мазари кои влегоа од клупата комбинираа. Асистенцијата на Бесарт беше одлична, завршницата на Мазари исто така на ниво, за конечни 2-0.

Покрај Шкендија, во четвртфиналето се наоѓаат и Вардар, Струга Трим Лум, Силекс, Работнички, како и второлигашите ГФК Охрид, Шкендија Арачиново и Детонит Плачковица. Следната фаза се игра напролет.