• Зоран Мишевски
Последниот македонски претставник во евро-куповите на УЕФА - тетовска Шкендија го заврши својот настап во третото коло на Конференциската лига. Избраниците на Артим Положани одиграа 0-0 во Скопје против Хибернијан и примениот гол во финишот во Единбург скапо го платија. Со вкупни 2-1 шкотскиот тим продолжува во плеј-офот против белгиски Гент.
Шкендија, на крилата на африканските напаѓачи, прва се закани и по акцијата на Тамба, првата шанса ја имаше косовскиот интернационалец Криезиу по само три минути. Гостите од Единбург ја стабилизираа играта и по петнаесетттина минути имаа можност по удар од аголот.
Криезиу во 26. минута се одлучи на удар од дистанца, но биеше преку голот на Австриецот Салингер. Во 37. минута Елдинг проби по десната страна и убаво центрираше, но домашните дефанзивци исфрлија во корнер. Една минута подоцна со удар со глава се обиде и Џејсон Кер, но биеше преку пречката од голот на Рамани.
Второто полувреме почна со две индивидувални акции на Тамба, кои не завршија со удар кон голот. Нејтан Лоув ја имаше најзрелата закана за „зелено--белите“, но неговиот удар во 53. минута го одбрани Рамани. Следеа два удари на Трумчи од далечина, па нова изгледна можност за тимот на Дејвид Греј. Рајт убаво се ослободи од чуварите, биеше по земја, но централниот шут Рамани го одбрани.
Красниќи по еден час игра влезе во игра да го раздвижи средниот ред на македонскиот вицешампион. Најзрелата шанса во вториот дел Шкендија ја имаше во 66. минута, кога ударот на Ндзенгуе заврши за малку крај стативата. Красниќи десет минути подоцна се обиде со глава, но за малку беше напрецизен. Се редеа шансите пред Салингер и Талба не реализира зицер во 78. минута. Гостинскиот тренер со тројна замена го затвори натпреварот Бесарт Ибраими беше последниот џокер на Положани и ветеранот влезе во игра во 85. минута. Следеа две големи мешаници, од петте метри гостите ја исфрлаа топката и по четириминутно судиско продолжение успеаја да се одбранат.
Шкендија го заврши својот европски пат со шест натпревари, иако заслужи подобра среќа против неубедливиот Хибернијан.











