ВИДЕО: Шкендија прокоцка 2-0, Гостивар со два пенали грабна голем бод во Тетово

Фудбалерите на Шкендија прокоцкаа голема шанса да забележат уште една победа во пролетниот дел од шампионатот во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), откако пред својата верна публика не сочуваа водство од 2-0 и одиграа без победник на дуелот со Гостивар. Гостите до големиот бод стигнаа во самиот финиш и тоа по два гола постигнати од пенал (2-2).

  • Головите од натпреварот:

Стартот на дербито на соседните ривали започна со подобра игра на гостинските фудбалери. Гостивар од првата минута имаше теренска иницијатива и малку фалеше уште во раната фаза да дојде до посакуваното водство.

Прв се закани Јонус, кој по една мешаница биеше со глава, но само во стативата од голот на Талески. Неколку минути подоцна Дервиши одлично центрираше, а ударот на Кахинде со глава заврши над домашниот гол. 

Тетовчани на првото возбудување пред гостинскиот гол чекаа седумнаесет минути, откако Чинари ја презеде одговорноста од слободен удар, но неговиот шут беше многу непрецизен. Следуваше период во кој двете екипи играа поповлечено и својата шанса ја чекаа од прекин или индивидуална акција, а токму тоа се случи во 37. минута, кога Шала од голема далечина постигна еврогол во мрежата на Гостивар за водство на Шкендија од 1-0, резултат со кој актерите на натпреварот заминаа на одмор.

По паузата и советите на тренерите во соблекувалната, Гостивар на терен истрча помотивиран и решен да го поправи впечатокот од првиот дел. Гостинските фудбалери ја имаа топката во своите нозе и притискаа по израмнување, но тетовчани не го дозволуваа тоа. И не само тоа. Во 69. минута тетовчани во три потези ја изиграа противничката одбрана и Шала од само неколку метри ја смести топката во посакуваната цел и Шкендија стигна до комотни 2-0. 

Но, не мислеа така упорните фудбалери од Гостивар, и во самиот финиш го шокира фаворизираниот противник и тоа со два постигнати гола од најстрога казна. Прецизен пеналџија беше нигерискиот напаѓач Кехинде кој во 86. и 91. минута го совлада Талески и донесе голем бод за Гостивар од ова гостување. 

Со испуштената победа Шкендија не успеа да се израмни со Струга на втората позиција на табелата и сега заостанува два бода зад шампионот, додека три во однос на лидерот Шкупи.