• Мартин Танасковски

Експедицијата на Шкендија денеска пристигна во Анталија, Турција, каде што до 1 февруари ќе ја одработи главната фаза од зимските подготовки, во пресрет на продолжението од натпреварувачката сезона.
Во текот на престојот во Турција, „црвено-црните“ ќе бидат целосно фокусирани на подигнување на формата за предизвиците што ги очекуваат во домашниот шампионат, Купот на Македонија, како и за историскиот настап во плејофот на Конференциската лига. За првпат во својата клупска историја, Шкендија ќе игра во оваа фаза од европските натпреварувања, а ривал ќе ѝ биде турскиот претставник Самсунспор.
Покрај редовните тренажни сесии, стручниот штаб посебен акцент ќе стави на физичката подготвеност, со внимателно испланирани оптоварувања, но и на унапредување на техничко-тактичките елементи, организацијата на играта и воигрувањето на тимот. Целта е екипата максимално подготвена да го дочека продолжението на сезоната на сите фронтови.
Во рамки на подготовките во Анталија, Шкендија ќе одигра и четири контролни натпревари против реномирани противници. Првиот тест е закажан за 20 јануари против украинскиот Олександрија. Четири дена подоцна, на 24 јануари, следи дуел со словачкиот Подбрезова, додека на 28 јануари „црвено-црните“ ќе ги одмерат силите со Сараево од Босна и Херцеговина.
„Генералката“ е предвидена за 1 февруари, кога Шкендија ќе се соочи со казахстанскиот Ордабаси.








