• Саше Љолес

Македонскиот прволигаш Шкендија се огласи со соопштение, во кое изрази жалење за одредени одлуки на судиите предводени од Игор Стојчевски, кои ја делеа правдата на натпреварот против Вардар во Скопје.
Тетовчани велат дека некои одлуки на судиите директно влијаеле врз текот на играта и веруваат дека со коректна арбитража ќе можеле многу порано да го решат прашањето на победникот.
Според нив, судијата имал едностран пристап од почетокот на натпреварот и „лесно ги казнувал“ играчите на Шкендија, а врвот бил достигнат во 64. минута, кога според нивните тврдења, бил досуден сомнителен пенал за Вардар, чие изведување беше повторено по првиот неуспешен обид на Закариќ.
Поради овие причини, Шкендија упати официјална реакција до Фудбалската федерација на Македонија, барајќи сериозно разгледување на ова прашање. Од клубот сметаат дека секогаш треба на површина да биде чесното судење и очекуваат конкретни мерки за арбитрите на овој меч, со што ќе се докаже желбата за фер и рамноправен шампионат за сите екипи.