Шкендија потврди: Муслиу заминува во Видеотон кај Николов!

Македонскиот првак Шкендија потврди дека Висар Муслиу, младиот централен дефанзивец и македонски репрезентантивец, потпиша договор со унгарскиот вицешампион и победник на Купот, Видеотон. 

24-годишникот ќе замине од Тетово пред истекување на договорот. Тој играше за „црвено-црните“ една година и пол, а во тој период освои две шампионски титули во ПМФЛ и една во Купот на Македонија.

Одигра 62 официјални натпревари за тимот на Ќатип Османи и постигна девет гола. Муслиу беше херојот на Шкендија во Куп-финалето против Пелистер, кога постигна два гола во победата од 3-0. Пред да дојде во Шкендија, Муслиу настапуваше за Ренова, Приштина и Вардар. Деталите од трансферот не се познати за јавноста. 

Во редовите на новата екипа специјалистот за одбрана ќе биде соиграч со Бобан Николов, a заедно со Спировски од Ференцварош и Ристевски од Ујпешт ќе го сочинуваат репрезентативниот квартет во Унгарија.