ВИДЕО: Шкендија потклекна во финишот, Ноах доаѓа во Скопје со двојна предност

Екипата на Шкендија загуби од ерменскиот клуб, Ноах, во првото коло од квалификациите за Конференциската лига на УЕФА и впиша непријатен пораз од 2-0 (0-0). Избраниците на Јетон Беќири одиграа солиден натпревар, но потклекнаа во финишот од натпреварот и ќе мораат да ја надополнат негативата во реваншот. 

Првите 45 минути започнаа со малку помирно темпо, но потоа Шкендија покажа дека може да го загрози домаќинот со 2-3 солидни истрчувања кон шеснаесетникот. Ерменците во првите дваесетина минути не делуваа како премногу сериозна екипа, но потоа малку се консолидираа и успеаја да ја задржат топката повеќе кај себе. 

Шкендија имаше на моменти повеќе од играта, создаде неколку изгледни прилики преку Адеми и Шала, но резултатот на паузата остана непроменет (0-0). 

Стартот на второто полувреме донесе мало разгорување на динамиката. Двете екипи имаа по една добра шанса во првите десетина минути, а потоа Ноах заигра малку подобро и имаше две прекрасни прилики за отворање на резултатот. Домаќините најпрво ја погодија пречката, а потоа упатија уште еден сериозен удар, кој беше одбранет од голманот Давор Талески

Тетовскиот прволигаш во последната третина од мечот делуваше стабилно во дефанзива, но без сериозни идеи во нападот. Се чини дека Шкендија можеше малку да „запне“ и да се обиде да дојде до целиот плен, но во тие моменти се случи едно мало невнимание во својот шеснаесетник, кое беше искористено од домаќините. 

Нафрлената топка дојде до Португалецот Гонзало Грегорио, голманот Талески не интервенираше соодветно, па мрежата на тетовчани се затресе во 81. минута. Ноах поведе со 1-0, на задоволство на неколкуилјадната публика. 

Се обиде Шкендија да се стабилизира и да заигра поконкретно, но тоа како уште повеќе да ги мотивираше домашните играчи. Ноах успеа да постигне уште еден гол во 90. минута преку Бразилецот Пабло и на крајот го завери триумфот со конечни 2-0. 

Се чини дека тетовчани не заслужија ваков пораз, па затоа разочарувањето на клупата беше големо. Реваншот ќе се одигра на 18 јули на Арената „Тодор Проески“ во Скопје