Шкендија освои нов трофеј, победи во Куп-финалето на помлади пионери

Тетовска Шкендија ја продолжи жетвата на Куп трофеи во Охрид, откако триумфираше во конкуренцијата помлади пионери. Третиот пехар во третото финале „црвено црните“ го освоија победувајќи го Работнички после изведувањето на пеналите 5-4 (1-1).

Во регуларниот дел прва резултатот го отвори Шкендија, со погодок на Фитон Адеми во 26. минута, а Работнички возврати преку Лука Станковски во 38. минута. Тоа беше и конечниот резултат, а во пенал-серијата „романтичарите“ промашија еднаш, а тетовчани ниту еднаш.

„Пресуди нашата голема желба за победа, бидејќи Работнички не многу, но е подобар од нас. Од се срце им честитам на фудбалерите, кои одиграа пожртвувано и борбено до последната секунда. Што се однесува до мечот, Работнички играше подобро во првото полувреме иако ние прво поведовме. Во вториот дел ги контролиравме работите на теренот, создадовме неколку прилики, но недостасуваше погодокот", изјави Ибраим Љума.

Претходно, Шкендија пехарот го освои во кадетската конкуренција со победата над Пелистер како и во младинската со триумфот над Работнички.