ВИДЕО: Шкендија на рутина броеше до седум против младите „лавови“

Фудбалерите на Шкендија убедливо ја совладаа Македонија Ѓорче Петров со 7-2 (3-1) во натпреварот од 13. коло на Првата македонска фудбалска лига. Пресметката на „Градскиот стадион“ во Тетово беше прилично еднострана, а тетовчани беа апсолутно подобар на теренот. 

  • Головите од натпреварот:

На теренот во Тетово гостинската екипа пристигна со младински состав, бидејќи по кадровските проблеми „лавовите“ истрчаа на теренот со дури девет младинци. Единствени првотимци беа странските играчи Кабаркас и Еступињан, додека сите останати беа млади момчиња од школата на Македонија Ѓорче Петров. Според очекувањата, тетовчани беа подобри на теренот од првата минута, а веќе во деветтата Атдхе Мазари погоди за предност по еден убав соло-продор. Бргу потоа предноста на Шкендија ја удвои Флорент Рамадани

Следуваше период од играта во кој се истакнаа гостите. Успеа Македонија Ѓорче Петров да реализира во 20. минута преку Аљман Етеми. Младиот фудбалер доби „сервирана топка“ по еден дуел на Талевски со дефанзивец на домашните, па погоди во празната мрежа. Иако погодокот се прегледуваше во ВАР собата, судиите потврдија дека голот е регуларен. Веднаш потоа Шкендија доби најстрога казна, меѓутоа Фитон Адеми беше спречен од младиот голман Дарко Јовчев кој му го одбрани ударот. 

Сепак, по половина час игра Анес Мелиќи ја зголеми предноста на 3-1. Младинскиот репрезентативец на Македонија најдобро се снајде по еден прекин во шеснаесетникот, ја прими топката и во вртење погоди. Темпото на игра потоа опадна, Шкендија рутински го одржуваше водството, меѓутоа играше мудро и не се трошеше. Младите „лавови“ немаа сили да се наметнат, а точка на победата стави Мазари кој во 67. минута даде гол за 4-1. Напаѓачот на тетовчани се лизна и не успеа добро да ја зафати топката, ама тоа беше доволно да испрати незгоден удар кој го измами голманот Јовчев.

До крајот на средбата уште трипати се тресеше гостинската мрежа. Адеми се оддолжи за промашениот пенал и во 73. минута по центаршут од Красниќи ефектно погоди за 5-1. Потоа меѓу стрелците се запиша и дефанзивецот Егзон Белица во 80. минута од натпреварот. Последниот погодок на мечот беше дело на Лиридон Љатифи, кој откосо го матира Јовчев за 7-1. Сепак до крајот „лавовите“ дадоа уште едел гол по воиграна комбинација од слободен удар, а стрелец беше Сулејмани (7-2).