ВИДЕО: Шкендија му даде ПЕТ гола на Вардар и покажа моќ во првото дерби!

Тетовска Шкендија дојде до три бода на гости кај актуелниот првак Вардар (1-5) и потврди дека во моментов е најквалитетната екипа во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) оваа сезона.

  • Извештај од натпреварот:

Избраниците на Ѓока го фатија противникот „на спиење“ и запишаа посакувани три бода со кои останаа на врвот. Вардар на овој меч делуваше лошо во одбраната, кога мораше да се биде најдобар и му дозволи на противникот да се прошета при вториот и при третиот гол во мрежата на младиот Илиќ. Мора да се пофали и играта на Незири, кој во редовите на Шкендија одлично го замени повредениот Бејтулаи. За Вардар ова беше еден од најтешките порази во дербијата со големиот ривал. Александар Васоски како прв тренер и понатаму останува без триумф над Шкендија, а најтрофејниот 13 натпревари во низа нема победа над тетовските „црвено-црни“./

Во воведните десет минути Вардар беше тимот што вршеше притисок, а Шкендија чекаше шанса преку контри. Потоа тетовчани тргнаа во офанзива, но по една загубена топка, следеше опасна акција која преку Мирчевски заврши до Попзлатанов, а тој со првиот гол во ПМФЛ оваа сезона во 11. минута донесе предност за домаќинот.

Само четири минути подоцна, следеше одговор. Еден индивидуален потег на Рамадани му донесе исто така прв гол во лигата сезонава и Шкендија изедначи. Вардар продолжи со притисокот, но овој пат немаше реализација. Прво се обиде Петковски со глава, ама млако, потоа и Мицевски испрати една „бомба“, но само крај дирекот, за во 28. минута да се бара пенал поради игра со рака на Кривак во казнениот простор, арно ама главниот судија реши дека нема елементи за најстрога казна.

На пет минути пред крајот на првиот дел, Шкендија направи пресврт. Стрелец беше Незири, откако претходно Дориев и Ибраими лесно ја провлекоа топката до завршната зона од голот на Вардар. Тетовчани заминаа на пауза со предност (1-2), а на стартот на вториот дел одолеаја на нападите на Вардар. Промашија Мицевски, Велкоски и Мирчевски, се бараше и втор пенал поради влечење на Мирчевски во казнениот простор, ама ништо од тоа.

Првата закана во вториот дел за Шкендија ја имаше Дориев, ама топката заврши во стативата, за во 61. минута Бесарт Ибраими да ја продолжи гол-серијата со Вардар и да ја завери победата на фаворитот на хартија. На десет минути пред крајот, Ибраими се претвори во асистент, додаде топка во празно до нововлезениот Енур Тотре, а тој имаше многу простор и лесно стрела за 1-4. Во 85. минута, Ахмеди изнуди пенал, па самиот го реализира, за конечни 1-5.

Шкендија во следната рунда од ПМФЛ ќе му биде домаќин на Работнички, додека Вардар ќе бара враќање на победите на домашен терен против Ренова.