Шкендија „ќари“ речиси милион евра во ЛЕ, а ако го мине Тотенхем...

Кога се игра еден натпревар фудбалот знае да донесе чуда. Шкендија се надева на едно од нив, тоа е да го елиминира Тотенхем во рамки на третото квалификациско коло во Лигата на Европа и да игра плеј-оф за пласман во групите.

Тетовчани минаа две кола. Во првото беа подобри од азербејџански Сумгајит, додека во второто го изненадија романски Ботошани. Сега се во третата рунда каде ќе играат со Тотенхем кој во Бугарија беше подобар од Локомотив Пловдив.

Колку заработи Шкендија досега од Лигата на Европа? Само од УЕФА солидарниот фонд за учеството во еврокуповите македонскиот тим ќе добие 780.000 евра. Тука не се вклучени сумите од ТВ-правата и спонзорствата. Тотенхем е атрактивен ривал, а со оглед на тоа што мечот ќе се игра во Скопје, Шкендија ќе „ќари“ уште некое евро плус па се очекува комплетната сума од сите настапи досега да достигне речиси милион евра. Од оваа сезона домаќинот не добива средства од пакетот на ТВ права, туку сите средства одат на контото на гостинот, бидејќи наместо два се игра само еден натпревар.

Што ако го мине Тотенхем? Евентуален пласман во плејофот носи додатни 300.000 евра на контото на Шкендија. Македонскиот тим трипати играше плејоф во последните години - 2016/17 против Гент, 2017/18 против Милан, 2018/19 против Розенборг.

Евентуалниот противник во плејофот Шкендија ќе го добие утре (петок) на ждрепка во УЕФА.