Шкендија ќари нови 133.000 евра, а на Македонија ѝ го зголеми рејтингот

Екипата на Шкендија одигра реми со Јагјелонија во Скопје (1-1). Може да жали затоа што не победи, затоа што прими гол во последна секунда. Но, затоа што е непоразена, бенефит има и клубот и Македонија.

Со новиот европски бод во Конференциската лига на УЕФА, Шкендија во клупската каса донесе 133.000 евра. Толку вреди реми во третиот ранг во европското клупско натпреварување.

На УЕФА-листата, пак, дојдоа нови бодови. Македонија не го промени рангот, но се доближи до Северна Ирска. Коефициентот се зголеми за 0,150 и тетовчани донесоа вкупна квота за македонскиот шампионат од 7.166.

Во моментов, мак-фудбалот се наоѓа на 47. место, а за да оди едно место погоре на листата која брои вкупно 55 земји членки, потребна е една европска победа или две нерешени во следните три меча.

Следен дуел за Шкендија во евро-куповите е пред крајот на ноември, кога избраниците на Јетон Беќири гостуваат кај Дрита.