ВИДЕО: Шкендија како на тренинг, Шкупи не беше закана за шампионот

Првакот Шкендија лесно впиша три бода во дуелот од 27. коло против Шкупи на „Градскиот стадион“ во Тетово. Тимот на Јетон Беќири не се ни испоти и извојува победа од 6-0 (2-0), со што одговори на саботната победа на Вардар против Работнички.

  • Извештај од натпреварот:

Шампионот од самиот старт започна офанзивно и креираше шанса по шанса пред голот на Муслиу. Нзенгуе не го искористи првиот зицер, а потоа по два прекини, два гола постигна Мелиќи. Најнапред погоди во 14. минута по корнер од десната страна, а пет минути подоцна по центаршутот на Бесарт Ибраими, погоди откако беше подзаборавен на втора статива. Во последната минута од првиот дел Бесарт Ибраими распали со удар со десната нога од работ на казнениот простор и на одмор се замина со 3-0. 

Во вториот дел следуваше пад на темпото, серија на замени и далеку помалку шанси за гол. Шкендија се задоволи со моќното прво полувреме, а Шкупи немаше сили да се врати во натпреварот, бидејќи на терен имаше младинска екипа, која не може да се натпреварува со Шкендија. По еден час игра веќе беше 4-0, откако пак погоди капитенот. Потоа Бесарт Ибраими беше заменет и со овации испратен од присутните гледачи на единствената трибина на стадионот во Тетово. Следуваше ревија на млади фудбалери и лесно приведување на мечот кон крај од страна на фаворитот. Љатифи во последните мигови со два ефектни гола ги постави финалните 6-0. 

Со оваа победа тетовчани пак се на еден бод до Вардар на шест кола до крајот. Во следното 28. коло, Шкендија гостува кај Тиквеш, а Шкупи се среќава со вардарци.