• Мартин Танасковски

Екипата на Шкендија ја оствари посакуваната цел и со победа на гостувањето кај Скопје (0-2) тимот од Тетово му се доближи на ривалот Шкупи кој претходно киксна со Академија Пандев во рамки на Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).
- Извештај од натпреварот:
Избраниците на Ќатип Османи останаа најдобрите гости во македонскиот фудбал и со трите бода освоени на „Железарница“ дојдоа на еден бод од второпласираниот Шкупи. Триумфот е најава дека Шкендија не се откажува од титулата и до крајот ќе игра за враќање на тронот по едногодишен пост.
Натпреварот почна со шанса за Скопје, се играше 18. минута кога Омерагиќ излезе пред Талески, меѓутоа не успеа да реализира. Тоа беше првиот сериозен потег на мечот и воедно најдобриот на Скопје на Јонуз на овој натпревар. Шкендија тоа го казни, во 22. минута преку Аденис Шала кој постигна убав гол од далечина дојде до 0-1.
Пред финишот на првото полувреме, бугарскиот интернационалец Милев имаше добра можност за да ја удвои предноста на Шкендија, ама шутираше над пречката. По паузата темпото на игра падна. Првите 20 минути од вториот дел беа без шанси, со голема борба, прекршоци и чести прекини. Работата за Шкендија на овој меч ја заврши Ералдо Чинари кој во 79. минута исто така погоди од дистанца, по асистенција на Шала.
Шкендија во следното коло повторно е фаворит, затоа што дома игра со Победа, додека Скопје се соочува со тешко гостување кај актуелниот првак Шкупи.