• Саше Љолес

Екипата на Силекс се избори за учество во големото финале во Купот на Македонија, откако славеше со минимални 1-0 (1-0) над ГФК Охрид Лихнидос во полуфиналниот реванш во Кратово.
- Силекс - ГФК Охрид 1-0:
Во првото полувреме видовме повеќе шанси на двете страни, но Силекс беше тимот што прикажа далеку подобра игра. Кратовчани добија два пенали во првите 45 минути, првиот не го реализираше Ади Алиќ, кој биеше директно во голманот Серафимов, а потоа одговорноста ја презеде Дарко Додев и донесе водство за кратовскиот прволигаш.
Силекс водеше со 1-0 од 34. минута, предност која ја задржа и на паузата меѓу двете полувремиња. Вториот дел одново донесе многу шанси за домаќинот, кој постојано напаѓаше и создаваше прилики, но не го наоѓаше патот до мрежата на охриѓани.
Како одминуваше времето, Охрид се обидуваше малку повеќе да притисне и да дојде до посериозна прилика за гол, без особен успех во завршницата. Силекс на крајот славеше со конечни 1-0 и ќе се бори за трофејот на мечот против тетовска Шкендија, која го елиминираше тимот на Шкендија од Арачиново.
- Шкендија Арачиново - Шкендија 0-2:
И во реваншот, Шкендија од Тетово беше подобра од арачиновци со резултат 2-0 (0-0). Долго време второлигашот одолеваше на нападите, иако Шкендија беше далеку подобар и поактивен тим на теренот. Сепак, во самиот финиш, Шкендија Арачиново се распадна. Прими два брзи гола, првиот беше дело на Спахиу кој со шут од далечина го совлада противничкиот голман во 86. минута, а вториот пристигна во 88. минута и го даде Ндезенге.
Шкендија со оглед на тоа има обезбедено место во евро-куповите како второпласирана во ПМФЛ, ова финале ќе има и влог за место во Конференциската лига за Силекс.
Натпреварот за трофејот ќе се игра на 20 мај на Арената „Тодор Проески“ во Скопје.



