ВИДЕО: Шкендија храбро падна по продолженија кај Лудогорец и оди во КЛ!

Екипата на Лудогорец патува во групната фаза на Лига Европа. Шкендија одигра храбро, го одведе мечот во Бугарија во продолженија, но екстра-времето (1-4) ги згасна надежите на тетовчани да играат во групите на второто натпреварување на УЕФА во кое во 2017 година играше Вардар. Шкендија со елиминацијата оди во групната фаза на Конференциската лига.

  • Извештај од регуларните 90 минути:

Дуелот за бугарскиот првак тргна според планот. Се играше константно пред голот на Шкендија, се создаваа шанси, а бедемот падна во 9. минута кога стоперот Куртулус погоди по една одбиена топка и одбрана на голманот Гаје. Тука Лудогорец не престана, стискаше, еднаш ја погоди и стативата, а дојде до втор гол во 24. минута кога Чочев се најде осамен по центаршут на Дуарте и од пеналтикот донесе 2-0.

По голот следеше и тензија, Љатифи и Ибраими пожолтеа кај Шкендија, а тетовчани можеа да бидат среќни што не примија уште еден гол до полувремето. Вториот дел се играше мирно, а едно внимание на Лудогорец донесе погодок за Шкендија. Во 64. минута, Бесарт Ибраими од десната страна забележа дека Фабрис Тамба утрчува во шеснаесетникот и го проигра, а тој се прошета до голот и со шут по земја го замолкна стадионот во Разград.

Влогот до финишот беше голем, двата тима не ризикуваа премногу, па следеа продолженија. Најдобрата шанса Лудогорец во 87. минута со шут од далечина, но Гаје изведе супер парада и изби во корнер, додека Шкендија една минута подоцна можеше да даде уште еден гол за историја преку Тамба, но играчот беше изблокиран во последен момент.

На стартот на првото продолжение, Лудогорец од првата шанса дојде до голот кој вредеше место во групната фаза на Лига Европа. Во 98. минута, Текпетеј прими топка и со силен шут од далечина го совлада Гаје кој не реагира според планот и топката заврши во неговата мрежа. Се обиде Беќири да направи нешто со двојна измена, но немаше време за повеќе. Пред финишот, Лудогорец даде и четврти гол по една контра преку Биле.