ВИДЕО: Шкендија го замолкна Скопје – Вардар првпат поразен, трката за титулата се заострува!

Екипата на Шкендија направи круциален чекор во трката за титулата во Првата македонска фудбалска лига, затоа што на гостувањето во Скопје кај Вардар извојува голем триумф од 0-1 (0-1). Херој на шампионот беше албанскиот интернационалец Љатифи, кој погоди во вториот дел и ја доближи Шкендија на само еден бод до лидерот. Воедно, ова беше и прв пораз на Вардар сезонава во ПМФЛ.

Тренерот на вардарци, Гоце Седлоски не направи промени во својот почетен состав и на терен ги испрати истите единаесеттмина како против Струга во претходното коло, додека Беќири на клупа го остави искусниот Бесарт Ибраими и во нападот шанса му даде на Нзенгуе. 

Натпреварот започна со спора игра, многу контакти и прекини и без поголемо возбудување. Првиот удар кон еден од головите беше упатен точно на половина полувреме, кога Вебстер амбициозно шутираше од голема далечина, но тоа го направи многу непрецизно и топката заврши на трибините каде што беа најверните фанови на домаќинот – „Комити“.

Вардар првата ветувачка акција ја имаше по половина час игра, кога Кастанеда и Николов проиграа во опасната зона, но аргентинскиот офанзивец не успеа да пронајде соиграч во казнениот простор на противникот и Гаје без проблеми ја собра топката. Само две минути подоцна тетовчани ја испуштија најзрелата можност за отворање на резултатот – Трумчи излезе сам пред домашниот голман, но Талески со навремена интервенција сопре чист погодок на тетовчани. Вардаровиот голман, кој своевремено беше и меѓу стативите на Шкендија, во самиот финиш од полувремето запиша уште една интервенција, откако Нзенгуе биеше од дистанца, но тоа го направи многу млако. 

Вториот дел започна како што заврши првиот – со шут на Нзенгуе, но овој пат блокот беше сојузник на Талески и пропадна уште една можност на гостите за отворање на резултатот. Вардар и во продолжението многу често ги губеше битките на средината на теренот, па поради тоа Седлоски се реши прв да менува и на местото на Кастанеда во игра влезе репрезентативецот Давид Бабунски. 

Веднаш по него реагираше и гостинскиот тренер. Беќири офанзивата ја освежи со Ибраими и Спахиу, додека на клупата се преселија Тамба и Нзенгуе. Првата вистинска закана во вториот дел ја имаа домаќините, кога по еден прекин топката дојде до Матиќ, но Гаје со невиден рефлекс ја сочува својата мрежа. 

И кога нема да се искористат шансите, пристигнува казната. Тоа се случи во 66 минута кога Љатифи го совлада Талески за 0-1. Но, голема заслуга за погодокот има искусниот Бесарт Ибраими. 39-годишниот напаѓач само што влезе во игра покажа класа, затоа што иако имаше позиција за удар, несебично и фудбалски го проигра својот соиграч кој без проблеми ја смести топката во посакуваната цел. Истиот фудбалер само неколку минути подоцна одново се најде во гол-позиција, но овој пат Талески беше на вистинското место. 

Седлоски и Вардар немаа што да загубат и во финишот фрлија сè на една карта, но единствена закана беше онаа на Закариќ по која Гаје одново ги покажа своите голмански квалитети. 

Вардар враќање на победничките патеки во следното коло ќе брка на гости кај Силекс, додека Шкендија на свој терен ќе го пречека тимот на Брера.