Шкендија го позајми Ваљмир Нафиу во словачки Кошице

Екипата на Шкендија ослободи еден од првотимците и Ваљмир Нафиу до крајот на актуелната сезона ќе игра надвор од Македонија.

28-годишниот фудбалер кој игра на крилната позиција ќе биде позајмен во редовите на словачки Кошице. Договорот меѓу Шкендија и Кошице е играчот да остане таму до 14 јуни.

Нафиу беше во Шкендија од 2018 година, а претходно играше уште за Ренова во ПМФЛ, како и за Скендербег (Албанија), АПОЕЛ (Кипар), Хамбургер (Германија) и Базел (Швајцарија).

Кошице во моментов е во второлигашкиот ранг на словачкиот фудбал и се наоѓа на второто место на табелата, со желба за промоција.