ВИДЕО: Шкендија го освои Куманово и со победа заминува на зимска пауза!

Екипата на Шкендија со победа заминува на зимска пауза. Во рамките од 16. коло од ПМФЛ шампионот беше сигурен на гостувањето кај Башкими и со 1-3 (1-2) ја запиша својата единаесетта победа во сезоната. Тетовчани есенскиот дел од шампионатот го завршија на третата позиција на табелата со 36 бода, шест помалку од лидерот Вардар. Башкими, пак, го запиша шестиот пораз и во најдобар можен случај ќе остане на петтото место. 

Актерите на средбата во Куманово отворија ефикасно, затоа што по само седум минути се тресеа двете мрежи. Први на погодок се радуваа гостите од Тетово, кои со автоголот на Алими поведоа со 0-1. Но, радоста на тетовчани не траеше долго, затоа што само три минути подоцна Пановски одлично проби во десната страна и центрираше до Алексовски, кој од непосредна близина биеше прецизно и израмни на 1-1.

Шкендија сакаше брзо да ја врати предноста на своја страна и доминираше на теренот по примениот гол. Шанси се редеа пред домашниот гол, а најголемата ја имаше Тамба, кој биеше за малку непрецизно. Но, одличниот Сенегалец не греши двапати. Во 34. минута Зука од гол-линијата спаси чист погодок на Ибраими, но Тамба беше на вистинското место и ја погоди празната мрежа на домаќинот за 1-2, резултат со кој се замина на одмор.

Во вториот дел, иако се очекуваше иницијатива на Башкими, Шкендија беше таа која што имаше контрола и атакуваше кон нов погодок. Клучниот момент на натпреварот тренерот Јетон Беќири го направи со внесувањето во игра на Фитон Адеми, кој веднаш се најде во гол-шанса, но ја погоди пречката. Сепак, по само неколку минути Латифи прецизно центрираше, а на нафрлената топка налета токму Адеми и стави точка на победата на Шкендија (1-3). 

Во првото пролетно коло, на 15 февруари, Шкендија ќе се сретне со Тиквеш, додека Башкими на свој терен ќе го пречека Пелистер.