Шкендија го комплетираше стручниот штаб на Положани

Македонска Шкендија официјално го комплетираше стручниот штаб на првиот тим предводен од тренерот Артим Положани. Нови членови на стручниот тим се Агрон Мемеди и Дијамант Кадриоли.

Двајцата ќе им се приклучат на досегашните членови на стручниот штаб, Куштрим Вока и кондицискиот тренер Саимир Фетаи, со што тетовскиот клуб го заокружува тимот кој ќе работи со првата екипа во новата сезона.

Промените во стручниот штаб доаѓаат по враќањето на Беким Османи во Фудбалската школа на Шкендија, додека тренерот на голманите Селадин Мустафи продолжува со професионалниот ангажман надвор од државата. Во координација со Положани, клубот одлучи да ангажира две искусни имиња за пополнување на испразнетите позиции.

Агрон Мемеди е добро познато име во редовите на Шкендија. Поранешниот фудбалер на клубот и некогашен соиграч на Положани досега беше дел од младинската школа, а сега добива нова улога како член на стручниот штаб на првиот тим.

Од друга страна, Дијамант Кадриоли пристигнува од Косово. Поранешниот голман зад себе има искуство како тренер на голмани во повеќе клубови и ќе биде задолжен за работа со чуварите на мрежата во редовите на „црвено-црните“.

Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.