Шкендија го дозна нокаут-ривалот во Конференциската лига!

Фудбалскиот клуб Шкендија го дозна противникот во плеј-оф рундата од Конференциската лига на УЕФА.

Европската фудбалска федерација во Нион го одржа извлекувањето и ги одреди паровите во борбата за пласман во осминафиналето. Според новиот формат, ждрепката е полудиригирана и Шкендија чекаше да го дознае името на противникот од две можни опции: Лех Познањ од Полска или Самсунспор од Турција.

Среќата посака македонскиот првак во плеј-оф рундата да одигра двомеч против екипата на Самсунспор. Доколку ја скокне оваа пречка, Шкендија во осминафиналето би играла против Рајо Ваљекано или Шахтјор.

Натпреварите од плеј-офот се на програмата во втората половина од февруари, односно на 19. и 26. Шкендија како неносител прво ќе игра дома во Скопје, а потоа ќе гостува во Турција.