ВИДЕО: Шкендија го доби мега-дербито со Вардар и е нов лидер во ПМФЛ!

Вардар и Шкендија на отворањето на пролетниот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) го одиграа мега-дербито во македонскиот фудбал, кое заврши со триумф на тетовчани (1-2). Така, со трите бода, Шкендија се искачи на врвот на табелата и го искористи киксот на ривалите, а Вардар иако одигра допадливо и покажа многу подобрена игра во однос на лани, може да жали за пропуштената шанса да го изненади ривалот.

Седлоски внесе седум новајлии во стартниот тим и го назначи Закариќ за капитен на новиот Вардар. Неговиот колега Беќири изненади со изборот и ги остави Адеми и Тамба на клупата, а Бесарт Ибраими поддршка во нападот имаше од Латифи и Шала. Вардар започна подобро, притискаше високо и ја принудуваше тетовската одбрана на грешки. Така, Донгмо и Закариќ го имаа првите закани по само седум минути игра.

Шкендија чекаше контри и преку Аденис Шала двапати се закани. По грешката на Донгмо голема шанса му се укажа и на Латифи, но отиде во мртов агол и не успеа да го загрози Давор Талески. Најзрелата можност ја имаше бекот Трумчи, кој биеше од 17-18 метри, но топката заврши за малку крај дирекот. Шкендија воспостави теренска рамнотежа, но на теренот воопшто не беше видлива разликата од 24 бода на двете екипи по есенскиот дел. 

На стартот на второто полувреме Беќири направи измена и му даде шанса на новиот играч Тамба да дебитира за Шкендија во ПМФЛ. Сепак, Вардар беше поактивен, имаше две добри шанси прво преку Закариќ, потоа и пречка на Омерагиќ со глава, па откако не реализира, пристигна казната во мрежата на вардарци.

Течеше 52. минута кога Љатифи реализира за Шкендија со глава, ама му беше поништен голот заради офсајд. Сепак, тоа го исправи Бесарт Ибраими, кој со голот број 15 против Вардар на атрактивен начин, откосо, донесе позитива за гостинот од Тетово.

Вардар се отвори, тргна на израмнување. Прво се обиде Цикарски со глава, но не успеа. Офанзивата на вардарци можеше да им донесе гол во мрежата, но Ибраими од колосална шанса не погоди во 64. минута.

И казната пак пристигна, овој пат на спротивната страна. Се играше 64. минута кога по центаршут на Пинтер, топката со рака ја удри Трумчи и се досуди пенал. Првиот на Босанчиќ му го фати Амзаи, ама судиите оценија дека голманот на Шкендија порано ја напуштил гол-линијата. Босанчиќ така доби „втора шанса“ која не ја испушти и од најстрога казна донесе 1-1.

Сепак, радоста на Вардар не траеше кратко. Во 76. минута новото засилување Тамба погоди во мрежата на Давор Талески, за ново водство на Шкендија, кое на крајот беше доволно за победа, иако Седлоски се обиде со измени да го освежи тимот и да донесе поофанзивна игра.

Шкендија во следното коло ја чека ново дерби, овој пат на домашен терен со Силекс, додека Вардар кој падна на последното место во ПМФЛ гостува кај актуелниот првак Струга Трим Љум.